Мулти Есенс е новиот македонски суперлигаш

Тимот на Мулти Есенс, кој во оваа сезона дебитираше во прволигашката конкуренција, обезбеди пласман во Супер лигата. Избраниците на Брнислав Ангеловски во следната сезона ќе бидат дел од најквалитетното натпреварување во Македонија.

Мулти Есенс денес против Металург РА славеше со 30:25 и на три кола пред крајот од прволигашкиот плеј-оф веќе направи голема бодовна разлика во однос на двата најголеми ривали Аеродром и Драчево.

Дебитантот регуларниот дел од натпреварувачката сезона 2022/23 го заврши без пораз, победи на 16 одиграни натпревари и во разигрувањето за титулата продолжи во ист стил, до овој момент нема загубен меч.

Челниците на клубот од Автокоманда се свесни дека играњето во Супер лигата ќе биде нешто поскапа дружба, па затоа за новата сезона се најавени промени во играчкиот, но и во стручниот штаб.

За второто место, кое исто така носи директен пласман во Супер лигата, се борат екипите на Аеродром, Драчево и Младост Богданци.