Москва слави, Ристовска и ЦСКА се шампиони на Русија!

Екипата на ЦСКА Москва, во која настапува репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, стана шампион на Русија, откако ја доби третата финална пресметка.

Московската екипа во денешната мајсторка против Ростов Дон стигна до убедлива победа со 35:29 и успеа да ја врати титулата во своите витрини.

Ристовска на теренот мина речиси 41 минута и имаше одлична партија за новиот руски шампион.

Десното крило од Македонија беше меѓу најефикасните на теренот, имаше четири погодоци од пет обиди.

ЦСКА Москва во сезона 2020-21 беше победник во рускиот шампионат, додека во оваа сезона освен титулата во националното првенство, клубот на Ристовска го освои и Куп трофејот.