Многу голмани со потрес на мозок – Секој шут во глава ќе значи и две минути?

Откако неколку голмани мораа предвреме да ја завршат сезоната после добиените удари во глава со топка, Ракометната федерација на Шведска одлучи да доделува казни за играчите кои ќе шутираат во главата на голманот без разлика дали е со намера или не.

Според правилата шутевите во главата на голманот значат и две минути. Сепак, ова не им помага на голманите бидејќи еден дел од нив ја завршија сезоната поради потрес на мозокот. Судиите имаа улога да пресудат дали имало намера или не, па сега би имале полесна задача и секако би доделиле две минути.

Судиската организација при Ракометната федерација на Шведска побара да се тестира промена на правилата кои се очекува ИХФ да ги воведе во сезоната 2022/23. Се работи за тоа секој шут во главата на голманот автоматски да носи две минути, со исклучок на моментот кога играчот кој бие не е во рамнотежа поради удар на дефанзивците.

На оваа тема ќе се разговара и на Конгресот на ИХФ во ноември. Во Шведска е направен план да се тестираат овие правила и да се види каква ќе биде реакцијата на истите.

„Ситуацијата што се појави во текот на сезоната со неколку повреди на голманите нè загрижува сериозно и затоа презедовме иницијатива и сме задоволни што сега имаме можност да го тестираме ова правило. Ќе се обидеме дополнително да ги заштитиме голманите. Работиме на подготковка и правилото ќе го објавиме во целост со објаснувања на крајот од летото“, стои во соопштението на Судиската организација на Шведска.