Михајловски потврди: Вардар ќе уплати милион евра и ќе игра во ЛШ!

Тимот на Вардар ќе биде македонски претставник во следната сезона во Лигата на шампионите.

Претседателот на клубот, Михајло Михајловски потврди дека до крајниот рок што истекува на 27 јули ќе биде уплатена сумата што ја бара ЕХФ и Вардар ќе настапува во елитното натпреварување.

„Сумата што ја бара Европската ракометна федерација како депозит ќе биде уплатена во крајниот рок што беше поставен од нивна страна и Вардар ќе игра во Лигата на шампионите во следната сезона“, изјави Михајловски.

Европската ракометна федерација побара 1.000.000 евра како депозит од страна на македонскиот клуб, со кој ќе се гарантира дека долгувањата кон дел од ракометарите што играле во минатото, ќе бидат исплатени од претходната управувачка гарнитура на „црвено-црните“.

Вардар е во групата А во Лигата на шампионите заедно со Елверум, ПИК Сегед, Загреб, Монпелје, Мешков Брест, Алборг и Кил.