Митревски прогласен за најдобар голман во Португалија – освои повеќе гласови од сите конкуренти заедно!

Битолчанецот Никола Митревски, кој го брани голот на Порто, беше прогласен за најдобар голман за 2021 година во Португалија. Репрезентативецот на Македонија веќе две сезони покажува одлични настапи меѓу стативите за португалскиот тим во рамките од домашното првенство и Лигата на шампионите.

Во конкуренција со голманското дуо од Бенфика, Сергеј Ернандес и Густаво Капдевил, како и чуварот на мрежата на Спортинг, Мануел Гашпар, Митревски доби најмногу гласови во онлјан гласањето кое беше спроведено од специјализираниот спортски портал за ракомет во Португалија – 7 Metros.

Македонецот освои 1768 гласови од вкупно 3387, а неговите конкуренти заедно имаа 1619 освоени гласови. Признанието за Митревски доаѓа пред стартот на Европското првенство во Унгарија и Словачка и сигурно освоената награда ќе влијае позитивно за голманот на македонската репрезентација.

Митревски минатата сезона освои тројна круна во Португалија и на добар пат е да го повтори ланскиот успех со своите колеги и во оваа сезона. Во Лигата на Шампионите, Порто забележа победи над Келце, Фленсбург и Динамо, а одигра реми и со актуелниот освојувач на Лигата на шампионите, Барселона.