Митревски правеше чуда 30 минути, ги запре ѕвездите на Веспрем за плус шест на одмор

Ракометарите на Еурофарм Работник се специјализираа за прво полувреме, па и против Веспрем се наоѓаат во предност после првите 30 минути. Битолчани играат одлично против фаворитот и максимално мотивирано, па на одмор заминаа со предност од 14:8.

Херојот во овие 30 минути е голманот Никола Митревски кој од почеток им стави до знаење на ѕвездите на шампионот на Унгарија дека денеска нема да се наиграат против него. Тргна со четири одбрани во првите 5-6 минути, а потоа продолжи во ист стил. После 20 минути игра имаше осум интервенции, а само пет примени погодоци што беше неверојатно процент на успешност од дури 61,5.

Оваа игра на Митревски даде „ветер во грб“ за колегите кои во 20. минута имаа предност од 10:5, а постојано беа во разлика која им гарантираше мирен тек.

До крајот на првото полувреме гостите успеаја да постигнат уште некој гол, но не и да ја намалат предноста на Еурофарм Работник. Битолчани одиграа одлично не само во одбрана каде беа максимално агресивни, туку и во нападот каде што покажаа дека можат да играат и со екипи од калибарот на Веспрем. На одмор заминаа со 14:8 што е одличен резултат, но сега следува најтешкиот период бидејќи второто полувреме досега беше проблематично.

Инаку, Митревски има десет одбрани, а Јотиќ со четири гола е најефикасниот во редовите на Еурофарм Работник. По трипати прецизни беа Остроушко и Граџан, додека Вегар и Стјепановиќ погодија по двапати. Кај Веспрем голманот Цупара има пет интервенции, додека по два гола постигнаа Манасков и Лауге Шмит.