„Мислев дека е крај и дека ракометот нема повеќе да биде дел од мојот живот“

Една од најдобрите ракометарки на светот Ана Вјахирева, која е репрезентативка на Русија и настапува за актуелниот европски шампион Вајперс Кристијансад, по завршувањето на Олимписките игри во Токио донесе одлука да ја стави кариерата во мирување.

Вјахирева тогаш настапуваше за некогашниот учесник во Лигата на шампионите, тимот на Ростов Дон и освен на клупски ниво, блескави партии покажуваше и во дресот на „зборнаја“.

Откако Русија го загуби финалето од Франција во Токио и не успеа да ја одбрани титулата од Олимписките игри од Бразил, Вјахирева одлучи да паузира одреден временски период.

,,Не сакав да правам ништо во животот, мислев дека е крај и дека нема повеќе да играм ракомет. Во тој момент не знаев дали ќе се врати желбата за ракометот и бев подготвена на сѐ, дека ракометот нема да го има повеќе во мојот живот”, изјави Вјахирева за рускиот портал „Sports.ru“.

Русинката во оваа сезона направи трансфер од Ростов Дон во Вајперс Кристијансад и групната фаза во Лигата на шампионите ја заврши со 61 постигнал гол.