Миркуловски: Со Мојсовски, Циндриќ, Борозан…имавме подобра екипа од таа на Вардар

Поранешниот репрезентативец Филип Миркуловски, кој го носи дресот на бундеслигашот Вецлар, за следната сезона се подготвува да влезе и во тренерските води.

Миркуловски, кој е легенда на Металург, за „Балкан Хендбол“ зборуваше за златната ера на тимот од Автокоманда.

„Јас бев од 2002 година во Металург, почнавме со клуб од млади играчи од преградие. Беше тоа добар проект, освоивме дупла круна во 2007 година со Јовица Цветковиќ. Кога дојде Лино, амбициите пораснаа, дојдоа и играчите од светска класа како Вугринец и Станиќ, па Металург беше на високо ниво во ЛШ, но за жал не заврши како што треба. Последната година пред распадот имавме екипа за респект, можеби подобра од таа на Вардар. Со Циндриќ, Марсениќ, Борозан, јас, Мојсовски, Димовски, бевме навистина силна екипа. Очекувавме најмалку Ф4 во Лигата на шампионите“, вели Миркуловски.

Тој откри дека по мечот на струшкиот турнир во 2014 година против Вардар почнале проблемите во Металург.

„Лесно го победивме Вардар тогаш кој беше во налет, но тој меч го наговести крајот на Металург. Почна да расте незадоволството поради доцнењето на плати. Прво си замина Станиќ, па имаше штрајкови. Можеби не требаше критиките за бидат упатени кон Червар. Мене ми е жал што таа приказна заврши така. Металург ми значи многу, јас и ден денес ги гледам натпревари и се надевам дека таму ќе се поправат работите“, заврши Миркуловски.