Миркуловски го овековечи ЕП 2002 во „Пенал за финале“

Некогашниот ракометен голман, а сега истакнат спортски работник – Марко Миркуловски ја промовираше своја книга со наслов „Пенал за финале“.

Во книгата се обработуваат настаните од незаборавното Европско првенство за младинци во Полска 2002 година, каде што Македонија се бореше за медал, но на крајот заврши на четвртото место.

Тогаш директор на репрезентацијата чиј селектор беше Илија Темелковски, беше токму Марко Миркуловски, таткото на Филип Миркуловски. На терен покрај Жути беа Горан Кузманоски, Борко Ристовски, Мите Стоилов, Иван Арнаудов…

„Ова е пандемиска година и многу кои требаа да се тука не можеа да дојдат. Ракометот е за мене голема работа и провејува низ целиот живот. Оваа генерација го направи најголемиот успех за македонскиот ракомет“, кажа авторот, кој им се заблагодари на сите кои помогнале во реализацијата на идејата, која потекнала од прерано починатиот ракометен работник Саше Ѓорѓески.

На промоцијата беше присутен и селекторот на генерацијата што го оствари најголемиот успех на машкиот репрезентативен ракомет во сите конкуренции.

На ЕП 2002, имаше две групи со по шест селекции. Македонија ги совлада Чешка, Данска и Португалија, ремизираше со Југославија и загуби само од Хрватска. Тоа значеше историски пласман во полуфинале каде се сретна со домаќинот Полска. Финалето го испуштија за влакно, откако загубија по две продолженија со 33:31. Во натпреварот за третото место следуваше пораз од Југославија од 33:30.

Темелковски се потсети на случувањата од Полска.

„Честитки за Марко за ваквата книга која ќе остави траен белег. Игравме двапати за медал. Прво полуфинале, а потоа за 3 место и не го освоивме. Бевме исцрпени. Паметам многу работи од тоа првенство. Има селекции што добро ги паметам. Дај Боже и во иднина да има такви млади селекции бидејќи секогаш од нив доаѓаат замените за сениорите. Не можам да ја заборавам и првата генерација на Кире Лазаров и 9 место на ЕП во Атина. Таа генерација беше костур на тимот кој ме однесе на СП во Хрватска (2009). На ЕП во Полска имав тројца играчи од генерацијата во Атина. Изборивме тешки квалификации во Сараево кога заслужено ја совладавме БиХ каде играше Терзиќ. Преку БиХ отидовме на ЕП. Ја победивме Данска, Чешка со Јиха, нерешено со Србија. Бевме втори во група и игравме полуфинале со Полска. Тоа е историско 4 место кое можеше да заврши со медал. Како кадети имаа квалитет и подлога. Имавме големо срце, другарство, хемија без која нема резултат. Имавме костур на играчи како Миркуловски, Кузманоски, Стоилов, Ристовски… Имавме страшна екипа. Противниците ни играа фластер на еден или двајца. Против Полска цело време водевме. Водевме 12:6 на полувреме. Билецки ја водеше Полска.

Марко Миркуловски своевремено беше сопственик на клубот во Македонија низ кој поминаа многу репрезентативци – Александар Царчев, Игор Котевски, Ванчо Димовски, Филип Миркуловски, Александар Петровски и уште многу други.

Во поново време беше дел од раководството на прволигашот Аеродром, а во моментов е дел од женскиот тим Шампион.