„Ме бараа од Хрватска, Франција, Португалија…но решив да останам дома“

Репрезентативецот на Унгарија, Мате Лекаи во новата сезона ќе настапува за екипата на Ференцварош од Будимпешта. Лекаи одлучи да го напушти унгарскиот гигант Веспрем, каде што мина осум сезони и да се пресели во амбициозниот тим на Ференцварош, кој изминатата сезона заврши на 4. позиција во домашниот шампионат и избори место на европска сцена, односно во Лига на Европа.

Лекаи кариерата ја започна токму во екипата на Ференцварош, а со оглед на тоа дека потпиша двегодишен договор со раководството на неговиот старо-нов клуб, се очекува кариерата да ја заврши во клубот каде што започна со ракометот. Искусниот ракометар иако имаше актуелен договор со Веспрем до 30 јуни, 2023 година, сепак, одлучи да го раскине договорот и да се пресели во Ференцварош.

За услугите на Лекаи беа заинтересирани и од полскиот вицепрвак Висла Плоцк, од домашниот Балатонфуреди, кој исто така ќе настапува на европска сцена, како и неколку клубови од Франција, Шпанија, Португалија, Хрватска…Лекаи како главен фактор за прифаќањето на понудата од Ференцварош ја истакна желбата да остане во својата татковина и можноста да соработува со искусниот тренер Иштван Паштор.

,,Ференцварош за многу брзо време се договори со мене, како и со мојот поранешен клуб Веспрем. Од една страна, краткиот период играше голема улога за реализирање на овој трансфер и фактот дека не ми беше навистина тешко да се одлучам. Добив многу странски понуди од Полска, Франција, Шпанија, Португалија и Хрватска, како и од унгарски суперлигаши, но Ференцварош беше јасен избор за мене, не морав ни да размислувам дали ќе ја прифатам понудата. Јас не сакав да заминам во странство без семејството, синот и сопругата, а од друга страна чувствував дека клубот сака да ме добие и да работи со мене. И не само раководството на клубот, туку и тренерот Иштван Паштор, кој низ разговорот ме убеди дека дека сум му потребен во неговиот тим. Покрај тоа, веќе имам играно со неколку играчи од Ференцварош, ги познавам доволно и мислам дека направив правилен избор”, изјави Лекаи за унгарскиот портал „Nemzeti Sport”.

Средниот бек својата кариера ја започна во екипата на Ференцварош. Беше дел и од екипите на ПИК Сегед и Целје. Со Веспрем освои голем број титули, но немаше среќа да ја освои и титулата во Лигата на шампионите.

Ференцварош ја доби битката за Лекаи