Мешков издржа едно полувреме во Келце

Ракометарите на Келце славеа против составот на Мешков Брест со 30-24 во натпревар од 10. коло во групата Б од Лигата на шампионите и се израмнија со бодовите со унгарскиот Веспрем барем до утрешниот натпревар во Скопје.

Домашните отворија со 2-0, но Мешков врати со серија од четири голови по ред. Шкурински му правеше големи проблеми на Вулф, па белорускиот тим имаше и плус три во неколку наврати. Сепак по 5-7, со изненадувањето во нападот – Вујовиќ, Келце направи предност од 11-8. Но момците на Талант Душебаев не беа константни и на пауза заминаа само со гол предност, 12-11.

На стартот на вториот дел се повреди Карачиќ, тоа малку ја поремети играта на Келце, па Мешков поведе со 14-15 преку Ѓукиќ. Вулф беше тука да спаси кога беше потребно, тоа им даде крилја на домашните и на десетина до крајот се одлепија на 22-19.

Во финишот веќе немаше дилеми околу победникот, Келце само ја задржа разликата и рутински го доврши мечот. Најдобри стрелци во домашниот тим беа Јанц со седум и Вујовиќ со шест, додека исто толку даде Акамбре за Мешков.