Мец е првиот патник на Ф4 во ЛШ, ФТЦ доживеа елиминација од Крим

Мец запиша голема победа над Борусија Дортмунд, 32:19, и на најдобар можен начин го завери пласманот на Ф4 турнирот во Будимпешта. Францускиот тим на првата пресметка против Борусија Дортмунд оствари победа со осум гола разлика, 30:22.

За потсетување, Мец во четвртфиналето требаше да игра со Ростов Дон, но поради санкциите на ЕХФ кон руските клубови, вториот француски претставник во Лигата на шампионите обезбеди директно учество на Ф4 и ќе има голема шанса да се бори за освојување на титулата во елитното натпреварување.

Екипата на Крим, иако на реванш натпреварот во осминафиналето од Лигата на шампионите беше поразена од ФТЦ Будимпешта со 22:26, сепак словенечкиот шампион патува во четвртфиналето бидејќи на првиот дуел славеше убедлива победа од 33:26.

Ракометарките на Крим во четвртфиналето за противник го имаат актуелниот европски шампион, Вајперс Кристијансад, кој имаше обезбедено директен пласман меѓу најдобрите осум екипи откако во регуларниот дел од сезоната заврши на второто место во групата Б.

Во женската Лига на Европа, Хернинг Икаст и Битигхајм обезбедија настап на Ф4. Екипата од Данска, Хернинг Икаст, на двата натпревари во четвртфиналето против Валчеа оствари победа, 39:33 и 33:28. Битигхајм на реванш натпреварот против Безансон немаше поголеми проблеми и запиша убедлива победа од 30:20. Исто така, на првиот дуел триумфираше Битигхајм со 29:23.

Тимот на Малага во Европскиот Куп во женска конкуренција ќе се бори за освојување на првото место откако во двата натпревари против Бекамент од Србија покажа апсолутна доминација. На првиот одигран натпревар, Малага дојде до висока победа од 36:21, па поради тоа, реванш натпреварот беше само формалност и шанса за Бекамент да се покаже во подобро светло. Сепак, и на реванш дуелот Малага не остави простор за изненадување, триумфираше со 25:21.