Рниќ е „голем оптимист“ и вели: Металург ќе се обиде да ги сруши Вардар и Еурофарм Пелистер

Металург во минатата сезона беше во сенка на Еурофарм Пелистер, но сега е решен да им ги мати сметките на битолскиот тим и на Вардар. Веќе ангажираше две звучни засилувања, левиот бек Момир Рниќ и пивотменот Бранко Канкараш.

Србинот Рниќ за „Журнал“ вели дека амбициите се на Металург да ги сруши Вардар и Еурофарм Пелистер.

„Разговарав со тренерот Кастратовиќ, договор е постигнат и ги завршивме сите обврски. Имам голема поддршка од семејството и тие ќе се преселат со мене во Скопје, тоа е убав град и не е далеку од мојот Зрењанин. Сакав нови предизвици и многу ми се допадна стратегијата на Металург. Имаат добар план и високи цели во чие остварување сакам да дадам и мој допринос. Сакаат да се обидат да ги срушат Вардар и Еурофарм Пелистер, сега се трети, а сакаат да бидат први. Ќе има уште нови засилувања, нема да бидам само јас“, вели Рниќ.

Најмалку уште три засилувања ќе дојдат во Автокоманда, па тренерот Зоран Кастратовиќ ќе има конкурентен тим за следната сезона и на европска сцена.