Металург ја освои шампионската титула во кадетската лига

Титулата во кадетската лига во машка конкуренција ја освои екипата на Металург откако во финалето од завршниот турнир немаше големи проблеми против Младост Богданци и стигна до победа од 27:21.

Ракометарите на Металург имаа одлично отворање на натпреварот и по пет минути игра нивната предност беше два гола разлика, 4:2.

Брзите напади беа најсилното оружје за екипата од Автокоманда, додека ракометарите на Младост дозволуваа лесни голови во нивната мрежа. По петнаесетина минути игра, избраниците на Владимир Глигоров имаа солидно водство од 9:6.

Младост се врати во игра и намали на еден разлика, 8:9, но нивните грешки беа искористени од страна на противникот, а на полувреме, Металург замина со предност од 12:9.

Во второто полувреме, Металург рутински одржуваше водство од два до три разлика. Младост беше немоќен во последните десет минути и мораше да се задоволи со второто место. Крајниот исход од финалната средба беше плус шест за екипата од Скопје.

Во натпревар за третото место, Вардар беше убедлив против Струга со 29:18.