Металург ја декласираше Стружанка и остана во игра за второ место

Екипата на Металург ги задржа шансите за второто место на табелата во плеј-офот откако на гостувањето во Струга кај Стружанка прослави убедлива победа, со резултат 19:36, во натпревар од 12.коло во Женската лига.

На овој натпревар воопшто немаше неизвесност и во ниту еден момент домаќинките не беа рамноправни против екипата од Автокоманда. Победникот беше решен уште во првото полувреме, во кое избраничките на Јулијана Дамчевска ја покажаа својата доминација и на пауза заминаа со убедлива предност од десет гола разлика, 8:18.

Слична беше ситуацијата во вторите 30 минути. Металург константно ја одржуваше резултатската предност од првиот дел. Стружанка во неколку наврати намали на 7-8 гола разлика, но до крајот немаше доволно сили за да го ублажи високиот пораз. Гостите драстично го зголемија водството во завршниот дел и на крај дојдоа до убедлива победа која беше изразена со 17 гола разлика.

Најефикасни во победничката екипа беа Мила Трајковиќ со осум и Ива Младеновска со седм погодоци. Домашниот состав беше предводен од Магдалена Делиоска со шест погодоци.

За Металург се уште постојат шанси за освојување на второто место. За таа цел, во последните две кола ќе треба да триумфираат против директните конкуренти, Вардар и Ѓорче Петров.