Металург РА и Куманово се надигруваа 60 минути, гол разлика пресуди за победникот

Во интересен натпревар во кој имаше резултатска тензија во сите 60 минути составот на Металург РА дојде до победа од 26:25 против Куманово.

И двете екипи добија по едно полувреме, а на овој натпревар играа доволно опуштено бидејќи плеј-офот им беше обезбеден претходно.

Куманово одигра многу поконцентрирано, поангажирано и посигурно во првите 30 минути. Имаше повеќе од играта и полесно доаѓаше до позиција за шут. Тоа даваше и простор за зголемување на предноста која најмногу изнесуваше три гола.

Сепак, на одмор беше 13:12 за Куманово откако Металург РА се врати и успеа да дојде до резултат кој даваше простор за посигурно продолжение на средбата.

Во вториот дел почна надигрување откако Металург РА израмни на 13:13. Тука натпреварот тргна во подобар правец за тимот од Скопје, но кумановци не се предаваа. Се вратија и после негатива од два гола, но завршницата беше дефинитивно подобра за Металург кој дојде до шесттата победа сезонава.

Со ова Металург РА го потврди второто место во групата додека составот на Куманово останува трет во групата од Првата лига, но јасно е дека и двете екипи се во плеј-офот.

КУМАНОВО – МЕТАЛУРГ РА      25:26 (13:12)

Сала: СРЦ „Младост“ во Неготино. Судии: Рубин Седлоски и Горан Ангелески од Прилеп. Делегат: Васил Чавдаров од Богданци.

КУМАНОВО: Кимевски, Трајковски, Димитријевски, Цветковски 7, Димитров 3, Стошиќ 1, Кузмановски 1, Димовски 1, Д. Спасиќ, Денковски 4, Стојмановски, Петрушевски 1, М. Спасиќ 4, Даневски, Поповски 3.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 20 мин.

МЕТАЛУРГ РА: Брестовац, Димевски 3, Фидановски 2, Тричковски, Христоски, Трајкоски 1, Мелоски, Николов 5, Андревски 6, Ристовски, Георгиевски, Шкријељ, Петровски 4, Додиќ 4, Прцуловски 1.

Седмерци: 4/8, Исклучувања: 8 мин.