Металург пред елиминација во Европскиот Куп, убедливо беше поразен во Солун

Ракометарките на Металург на гостувањето во Солун кај грчкиот шампион ПАОК беа убедливо поразени со 26:17, во натпревар од второто коло од Европскиот Куп. Реванш натпреварот, кој повеќе ќе биде формалност, ќе се одигра на 15 октомври во Скопје.

Грчкиот шампион го отвори натпреварот со водство од 1:0, но тимот од Автокоманда со двата гола на Божиноска во петтата минута поведе со 2:1. Металург уште неколку минути успеа да биде рамноправен и по нерешените 3:3, домаќинките со серија од 2:0 се одлепија на 5:3 и до крајот на првото полувреме беа во резултатска предност.

Веќе во 20 минута ПАОК стигна до највисоките дотогаш „плус 6“ и водство 10:4. Металург речиси осум минути беше без постигнат гол, а кризниот период го прекина Младеновска која со својот прв гол намали на 10:5. Следуваше период, во кој македонскиот тим заигра поангажирано во одбраната и цели десет минути, односно од 20. минута, па сѐ до крајот на првото полувреме дозволи домаќинот да постигне само еден гол.

При резултат од 10:5, избраничките на Дамчевска постигнаа уште два брзи гола, кои беа реализирани од страна на Божиноска и Арсениевска, намалувајќи на минус три гола разлика, 10:7. ПАОК во финишот на првиот дел успеа да дојде до погодок и на пауза замина со водство од 11:7.

Вториот дел, исто така мина во знакот на домаќинките, кои во 40 минута дојдоа до „плус пет“ 15:10. Голманката на Металург, Амра Терзиќ до тој момент имаше вкупно 11 одбранети удари, додека на спротивната страна Каприниоти и Цикнаки само седум одбрани. Во последните десет минути домаќинките влегоа со предност од 20:14 и беше сосема јасно дека Металург ќе има тешка задача да направи камбек.

ПАОК не дозволи Металург да се врати во дуелот и во последниот дел дојде до поубедлива предност, која постепено растеше, за на крај да прослави висока победа од девет гола разлика.

Најефикасна во редовите на Металург беше Ива Божиноска со осум гола, а натпревар за заборав имаше младата Ива Младеновска која постигна три гола од десет обиди. Амра Терзиќ натпреварот го заврши со осум, а Тодоров со четири интервенци. Кај ПАОК, повремената репрезентативка на Македонија, Александра Боризовска успеа да постигне еден гол.