Мем и Фраде незадржливи, Барса во вториот дел го скрши Замалек

Екипата на Барселона после победата над Замалек со 36:32 го завери пласманот во полуфиналето на Супер Глоуб кој се игра во Саудиска Арабија. Каталонскиот тим имаше многу проблеми со шампионот на Африка но во вториот дел го скрши отпорот.

Замалек имаше старт како што може само да посака, поведе со 5:0 и долго во првото полувреме го чуваше водството. Барселона во завршните минути од првиот дел успеа да израмни и на полувреме да обезбеди мининално водство од 18:17.

Замалек во вториот дел успеваше да се одржува во игра петнаесетина минути, но со неколку брзи гола Барселона се одлепи и до крај на натпреварот успешно ја сочува позитивата за полуфинале со бразилскиот Пињеирос. Фраде и Мем со по седум гола беа најефикасни во тимот на Барселона, додека во тимот на Замалек, Елдера и Кадах беа најпрецизни со по шест погодоци.

Алборг рутински одработи против домашниот тим Ал Веда и го совлада убедливо со 38:27. Вицешампионот на Европа уште по првиот дел имаше сигурно водство кога водеше со 19:10. Второто полувреме беше формалност за потврда на пласманот во полуфиналето.

Најефикасен во победничкиот тим беше Бартхолд со осум погодоци, а Кристенсен постигна шест. За составот на Ал Веда се истакна Барабаш со седум голови. Алборг за пласман во финалето ќе се бори против составот на Магдебург.