Матлиески пред дербито во Првата лига: Имаме играчки промени, ама се надевам на успех

Претпоследното коло од регуларниот дел во Првата македонска ракометна лига го носи големото дерби кое може многу да одлучува за лидерската позиција помеѓу Алкалоид и Голден Арт. Средбата се игра во СЦ „Јане Сандански“ утревечер во 19:30 часот, со директен пренос на МТВ 3.

За натпреварот се продаваат и билети по цена од 100 денари, а приходот ќе биде наменет за развој на младинските школи на клубот низ државата. Двете екипи имаат амбиции за влез и во Супер лигата, а ова ќе значи и чекор поблиску до остварување на целта.

Првопласираниот од групата ќе пренесе повеќе бодови во плејофот, кога се вкрстува со екипи од другата група. Во моментов Алкалоид е лидер и има три бода повеќе од Голден Арт. Но, во ситуација на ист број бодови ќе решава меѓусебниот биланс.

Тренерот на Голден Арт, Никола Матлиески очекува играчи да го дадат максимумот. За противникот истакна дека се работи за квалитетен тим кој е добро покриен на сите позиции.

„Мислам дека ќе одиграме еден добар натпревар каде што ќе го дадеме максимумот и на крајот ќе успееме да дојдеме до победата. Секако дека Алкалоид има квалитетни играчи, меѓутоа сега не би сакал да издвојувам никој. Имаат добра бековска линија, добро се покриени на сите позиции. Ние се спремаме за целиот тим, за сите играчи. Тие се една добра екипа која ќе мораме повеќе одбранбено да ги спречиме“.

На претходниот натпревар во сезоната Алкалоид и Голден Арт одиграа реми (25:25), а од таа средба во редовите на Голден Арт има неколку играчки промени.

„Од тој натпревар, ние имаме неколку промени во играчкиот кадар, ќе има некои промени, ќе се потрудиме за што подобро да се подготвиме за Алкалоид и на крајот се надеваме ќе успееме да ги изненадиме со нешто“.

Веќе се размислува и за Суперлигата?

„Се уште е рано, прво мораме да си ја завршиме работата да дадеме максимум на секој натпревар што следи па потоа чекор по чекор да се подтовуваме за наредната година. Акцентот го ставаме од сабота в сабота, од недела в недела. Секој нареден натпревар ни е важен и управата работи во тој дел, па очекувам добро да се подготвиме за тоа што ќе следува“, изјави за „24Ракомет“ стратегот на Голден Арт.