Матлиески: Победата против Скопје значи многу, формата оди во нагорна линија

Екипата на Голден Арт во скопското дерби против тимот на Скопје успеа да слави со резултат 30:27 (18:16), и се израдува на првиот триумф во Суперлигата. По двата порази на стартот, од Пролет и Еурофарм Пелистер, освоените три бода од денешното дерби се од големо значење за Голден Арт.

Тренерот на Голден Арт, Никола Матлиески смета дека во денешниот дуел против Скопје неговите избраници одиграле на солидно ниво.

,,На денешниот натпревар одигравме цврсто и мислам дека победата е заслужена. Моите играчи ја посакуваа многу победата бидејќи имавме прилично тежок старт, со два порази и секако дека оваа победа многу ни значи. Одиме натпревар по натпревар, дали ќе има серија на победи, ќе видиме понатаму, но наша цел е играта да ја подигаме на едно повисоко ниво и тоа што го работиме на тренинг мислам дека ќе ни се исплати на останатите натпревари”, изјави Матлиески за 24Ракомет.

Стратегот на Голден Арт е задоволен од формата на екипата, која одреден временски период не може да смета на клучните играчи Марио Миланов и Глигор Гајиќ.

,,Формата оди во нагорна линија, ни недостасуваат два клучни играчи од бековската линија (Марио Миланов и Глигор Гајиќ) и со нив, секако, дека ќе добиеме повеќе решение во нападот. Со овој ростер го достигнуваме максимумот и играме на едно добро ниво, тоа го покажавме и на првиот и на вториот натпревар против Пролет, односно Еурофарм Пелистер”, заврши Матлиески за 24Ракомет.

Во следното, четврто коло од Суперлигата, Голден Арт на свој терен ќе се соочи со Еурофарм Пелистер 2.

 

Даскалоски ја „спушти ролетната“, Голден Арт се израдува на првиот триумф!