Матлиески: Ако се поклопат сите коцки, ќе се радуваме на крај

Тимот на Голден Арт ги започна подготовките за новата сезона во суперлигашкото друштво по камбекот.

Тренерот Никола Матлиески заедно со управата на клубот, посакуваат да се оди едно скалило погоре.

„Желбата на стручниот штаб, управата и на играчите е на одиме на повисоко ниво, од тоа што бевме во ланската сезона. Се надевам дека ќе имаме добри подготовки, имаме неколку нови засилувања, со кои ги пополнивме позициите на кои не недостасуваа играчи и се надевам дека засилувањата за брзо време ќе се вклопат во нашиот систем на работа. Што побрзо се вклопат, тоа подобро ќе функционираме“, вели тренерот Никола Матлиески.

Пред две сезони кога Голден Арт играше во елитата, тимот не успеа да обезбеди плеј-оф, но сега амбициите се повисоки.

„Амбициите на клубот е на секој натпревар да одиме на победа, јас како тренер и моите лични амбиции се да се пласираме во плеј-оф фазата, па после тоа ќе видиме како ќе оди. Но мора да бидеме реални дека имаме нови играчи, дека ќе ни треба време за воигрување, сепак мислам дека како ќе одминува времето ќе бидеме подобри и подобри“, продолжи Матлиески.

Во новата сезона во Суперлигата ќе играат 16 екипи, а место во плеј-оф обезбедуваат првите четири во групата.

„Системот на натпревари е таков што носи 14 меча во регуларниот дел и уште 14 во разигрувањето. Не чувствувам притисок дека мора да влеземе во плеј-офот, моја цел и задача е да ја спремам екипата од натпревар во натпревар, а би ми претставувало големо задоволство за некој играч што работи со мене, да го искористи тоа за отскочна даска за напредок во кариерата. Резултатите зависат од многу фактори, но ако се поклопат сите коцки, ќе се радуваме заедно на крај“, заврши Матлиески.

Голден Арт ќе игра во групата Б заедно со Тиквеш, Еурофарм Пелистер, Еурофарм Пелистер 2, Пролет, Радовиш, Јуниор Кисела Вода и Скопје.

Повратникот во Суперлигата ги започна подготовките (ФОТО)