Отпаднаа во последен момент: Црна Гора без едни од најдобрите во Охрид!

Селекторката на Црна Гора, Сузана Лазовиќ, остана без едни од најдобрите ракометарки за турнирот „Трофеј Македонија“.

Поради повреда оваа акција во ЕХФ неделата и средбите со Македонија, Хрватска и Србија, ќе ги пропуштат голманката Армел Атингре и средниот бек Матеа Плетикосиќ.

Тоа значи дека Лазовиќ во Охрид ќе смета на 20 ракометарки, а на списокот се најголемиот дел од ракометарките кои ги изнесоа квалификациите за ЕП 2026, во кои Црна Гора го освои првото место во групата со пет победи и еден пораз.

Во составот на Црна Гора има и нови имиња. Деби во сениорската репрезентација ќе имаат пивотот на Наиса Ниш, Христина Решетар, и средниот бек на АЕК, Маја Цеклиќ.

Лазовиќ повика и неколку млади ракометарки кои се очекува да бидат важен дел од иднината на црногорскиот ракомет. Меѓу нив е и средниот бек на Цвикау, Нина Рамусовиќ, како и Андреа Драгниќ и Ивана Савиќ, кои летово го освоија сребрениот медал на Светското првенство за младинки.

Драгниќ беше избрана во идеалниот тим на шампионатот во Романија, додека Савиќ веќе на стартот од новата сезона во Лигата на шампионите покажа дека има сериозен потенцијал.

Тука се кружниот напаѓач Брновиќ, левиот бек Јауковиќ, десниот бек Ивановиќ…На списокот ја нема Итана Грбиќ, која заврши со настапите за националниот тим.

За „лавиците“, турнирот ќе биде прва сериозна проверка пред Европското првенство 2026, кое ќе се одржи во Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција. Црногорките се најдоа во незгодна група со Исланд, Словенија и Унгарија.