Македонскиот шампион Вардар упати апел до своите навивачи пред продолжението на настапите во европската ракометна елита – поддршката од трибините да продолжи, но без инциденти и неодговорно однесување.
Атмосферата во „Јане Сандански“ на натпреварот против Нант беше еден од најсилните адути на „црвено-црните“, а поддршката од скопските трибини испрати позитивна слика низ европскиот ракомет.
Сепак, на истиот натпревар дојде и до инцидент, откако поединци фрлија забранети средства на теренот. Поради тоа, до клубот пристигнала опомена од Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Од Вардар предупредуваат дека доколку ваквото однесување се повтори на некој од следните натпревари, клубот може да се соочи со сериозни финансиски казни.
„За жал, токму на натпреварот против Нант бевме сведоци на таков немил инцидент, кога од страна на поединци на теренот беа фрлени забранети средства, поради што од седиштето на ЕХФ до клубот пристигна опомена, која доколку на наредните натпревари се повтори слична постапка ќе значи и големи казни за клубот“, порачаа од Вардар.
Од клубот истовремено ја потенцираа важноста на поддршката од навивачите и ги повикаа да продолжат да бидат силен ветер во грб за екипата.
„Вие сте најголемата сила на Вардар. Вашата поддршка е тоа што во битките, особено во Скопје, ни дава посебна сила и мотив. Затоа, да го бодриме клубот достоинствено и со почит кон противникот и сите присутни во салата“, стои во пораката од клубот.
Вардар продолжува со настапите во ракометната елита, а од клубот очекуваат препознатливата атмосфера во „Јане Сандански“ да продолжи да биде еден од нивните најголеми адути – но без потези кои можат да донесат санкции и финансиски проблеми.
























