Во Египет денеска ќе започне 19. издание на Светското клупско првенство во ракомет, а годинашното натпреварување носи повеќе новитети.
На турнирот ќе настапат 10 екипи од сите шест континенти, две повеќе во однос на претходните две изданија. Покрај зголемениот број учесници, променет е и системот на натпреварување.
Меѓу главните фаворити и оваа година ќе бидат актуелниот шампион Барселона, германскиот гигант Фуксе Берлин, унгарски Веспрем, како и домаќинот Ал Ахли и египетскиот Замалек.
ТРИ ЕКИПИ ДЕБИТИРААТ
На годинашното издание ќе има дури три дебитанти. Мароканскиот Монтда ќе ја претставува Африка, со што Мароко по пауза од речиси три децении повторно ќе има свој претставник на ова натпреварување. За првпат ќе настапи и кувајтскиот Бурган, победник на Азиската клупска лига.
Третиот дебитант е Лос Анџелес, кој ќе биде претставник на Северна Америка и Карибите.
Останатите учесници се Барселона, Фуксе Берлин, Веспрем, Замалек, Ал Ахли, како и Сиднеј Универзитет и Пињеирос.
НОВ СИСТЕМ НА НАТПРЕВАРУВАЊЕ
Новина е и форматот на турнирот. И понатаму ќе има две групи со по четири екипи, но поради зголемувањето на бројот на учесници, две екипи ќе мораат да играат дополнителен квалификациски натпревар.
Лос Анџелес ќе се соочи со Веспрем, додека Сиднеј Универзитет ќе игра против Замалек. Победниците од овие дуели ќе обезбедат место во групната фаза.
Победниците на двете групи ќе се пласираат во големото финале, кое е закажано за 1 октомври, додека второпласираните ќе играат за бронзениот медал.
ГИДСЕЛ, МЕМ, ФАБРЕГАС, ЈАНЦ, РЕМИЛИ…
Турнирот и оваа година ќе биде вистинска парада на ракометни ѕвезди. Во центарот на вниманието ќе биде Матијас Гидсел, кој со Фуксе Берлин се враќа на Светското клупско првенство. Данскиот десен бек три години по ред – 2023, 2024 и 2025, беше прогласуван за најдобар ракометар во светот од страна на ИХФ.
Гидсел на своето прво учество на ова натпреварување постигна 45 гола, со што беше најдобар стрелец и МВП на турнирот.
Актуелниот шампион Барселона повторно ќе има исклучително силен состав. Дика Мем ќе настапи на своето осмо Светско клупско првенство, а досега на турнирот постигна 119 гола.
Покрај него, Барса ќе се потпре и на Лудовик Фабрегас, Блаж Јанц, Тимоти Н’Гесан и Алеиш Гомез, со цел да стигне до рекордната седма титула и да го одбрани трофејот.
Сериозен кандидат ќе биде и Веспрем, кој во составот ги има МВП од 2024 година, Недим Ремили, египетските ѕвезди Али Зеин, Ахмед Хешам, Ахмед Адел и Јехиа Елдераа, како и данскиот голман Емил Нилсен.
БОГАТА ИСТОРИЈА
Светското клупско првенство за првпат се одржа во 1997 година во Виена, а тоа остана и единственото издание кое се играло во Европа.
Најуспешен клуб во историјата е Барселона со шест титули, пред Магдебург со три. Фуксе Берлин и Сиудад Реал имаат по две титули, додека по еднаш трофејот го освоиле Ал Сад, Кил, Веспрем, Атлетико Мадрид и Тека Кантабрија.
Сиднеј Универзитет е рекордер по бројот на настапи – дури 13 од досегашните 19 изданија. Најдобар резултат на австралискиот клуб е четвртото место во 2015 година.
ЕЛ АХМАР НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ ВО ИСТОРИЈАТА
На вечната листа на стрелци лидер е египетската легенда Ахмед Ел Ахмар, кој има постигнато 181 гол на Светските клупски првенства.
На второто место е македонската легенда Кирил Лазаров со 152 гола, додека трет е Тунижанецот Амин Банур со 120.
Единствениот друг ракометар кој ја надминал границата од 100 гола е Дика Мем, кој досега има 119 погодоци.
Светското клупско првенство во Египет започнува на 24 септември, а големото финале е закажано за 1 октомври.
Денеска се играат двете квалификациски средби меѓу Лос Анџелес и Замалек, односно Сиднеј Универзтитет и Веспрем.
група А: Барселона, Монтада, Пињеирос, Замалек/Лос Анџелес
група Б: Фуксе Берлин, Ал Ахли, Бурган, Сиднеј Универзитет/Веспрем


























