Марковски: Нешто не функционира во екипата, нешто не правиме добро

Со победата на екипата на Тиквеш од 30:26 против Металург во 1. коло од Групата Б на Струшкиот турнир, падна и првото изненадување со што се најави интересно натпревање до недела.

Ова е силен удар за „металурзите“, а тоа го потврдуваат и коментарите на тренерот Иван Марковски.

„Победата на Тиквеш е сосема заслужена, а веројатно ние сме во некој проблем. Нешто не функционира во екипата и тоа во најбрзо време мора да се реши. Мора да се соземеме и да видиме што не правиме добро. Не е проблем желбата туку моментот на мотивација и концентрацијата која ја губиме. Промашивме 10 до 15 зицери, па секоја екипа која е сериозен противник ќе знае да казни. Ние немаме што друго освен да продолжиме да работиме и само со работа можеме да се вратиме каде што треба, резултатот не одговара на клуб како Металург. Не барам алиби и мора да продолжиме да бараме подобар перфоманс од овој“, коментираше Марковски за 24 Ракомет.

Тој смета дека сите мора да го кренат нивото на игра и да покажат далеку подобра форма.

„Ова е подготвителен период, но тој е составот. Сите добија шанса за да играат и мора да го дадат најдоброто. Меѓутоа во моментов сме далеку од посакуваната форма и она што ние сакаме да го играме“, заврши Марковски.

Утре следува дуел против Еурофарм Пелистер така што ќе биде уште потешко од денеска.