„Македонските екипи се борат до крај, сакаат да провоцираат, но знаат да играат ракомет“

Ракометарките на Куманово ќе играат два пати на гостински терен во 3. коло од ЕХФ Купот против украинскиот првак Галичанка Лвов. Сепак на Украинците не им е сеедно што ќе мора да се соочат со македонски претставник.

Тренерот на Галичанка, Виталиј Андронов со голем респект гледа на Куманово и смета дека го добиле еден од најтешките противници во оваа фаза. Тој за клупскиот сајт ги кажа своите очекувања од овој двомеч.

„Мислам дека го добивме еден од најквалитетните тимови од можните и кој е многу незгоден. Македонија е ракометна земја со добра стара југословенска школа кои што секогаш играат до крај. Генерално екипите од земјите од поранешна Југославија се подготвени да се борат до крај, сакаат да провоцираат, но и знаат многу добро да играат ракомет. Последниве години ракометот во Македонија се развива сè повеќе. Не очекуваат тешки натпревари. Од она што имавме можност да го анализираме до сега, можам да кажам дека главно одбраната им е 6-0. Имаат силни играчи на средните позиции кои имаат одличен шут. Затоа пред натпреварите мораме да ја достигнеме највисоката форма, сите да бидеме здрави и во добра физичка кондиција бидејќи Куманово е одлично физички подготвено, многу трчаат и се цврсти во одбраната“, рече Андронов.

Екипите постигнаа договор двата натпревари да се играат во Украина, првиот дуел е закажан за 20 ноември од 18:00 часот. Реваншот на кој Куманово формално ќе биде домаќин, ќе се игра на 22 ноември во утрински термин од 11:00 часот.