„Македонските Грузијци“ славеа против Молдавија

Репрезентацијата на Грузија продолжува со добрите настапи на ИХФ/ЕХФ трофејот во Тбилиси. Во вториот натпревар, Грузија ја совлада репрезентацијата на Молдавија со 27:20 и ја најави борбата за освојување на титулата на овој турнир.

Во победата на Грузија учествуваа и грузиските ракометари од македонскиот суперлигаш, Прилеп, но и екс ракометари кои во претходните години беа дел од неколку македонски клубови.

Четворицата ракометари од Прилеп, Хазеин Рустамов, Зураб Цинцадзе, Реваз Чантурија и Мириан Гавашелишвили беа солидни во денешниот натпревар.

Рустамов постигна три погодоци, Чантурија додаде два, додека голманот Цинцадзе освен тоа бранеше одлично меѓу стативите успеа да постигне и гол. Гавашелишвили главно играше во одбраната и не успеа да се запише во листата на стрелци.

На овој натпревар настапија и Иракли Кбилашвили, екс член на Металург, како и поранешните ракометари на Пелистер и Струга, Темо Орјоникидзе и Гиорги Дикаминџија.

Следен предизвик за репрезентацијата на Грузија е составот на Кипар. Се очекува, Грузија без проблеми да слави над кипарската селекција и да се најде пред промоција за бараж квалификациите за Европското првенство во 2024 година кое ќе се одржи во Германија.