Македонскиот зет на лето ќе има нов клуб

Поранешниот ракометар на Металург и битолски Пелистер – Александар Гуглета, на лето ќе има нов клуб. Само една сезона траеше авантурата на македонскиот зет во финскиот шампион Кокс, кој за следната сезона ги продолжи договорите со десет играчи.

Меѓу нив се Јури Лукјанчук и десното крило Витали Неница, кои продолжија до 2023 година. Србинот Давор Басариќ исто така ќе остане уште три години, а Бојан Жупањац ќе биде асистент тренер.

Голманот Витали Шицко и пикерот Алиаксандр Циту, продолжија до 2022 година, додека уште една сезона во Кокс ќе играат Евгениј и Јури Семенов. Остануваат и Тему Таминен и Рони Сирјала.

Заминуваат лидерот Нико Ронберг, Саша Пулизовиќ, Александар Гуглета и Алиаксандр Маркелов. Шампионатот во Финска заврши, а Кокс беше на третото место по регуларниот дел, па ќе игра во ЕХФ Купот, заедно со СИФ и со Дикен, додека во Лигата на Европа шанса ќе добие БК-46.