Македонска голманска тројка – Што очекуваат Мицевска, Јовановска и Чурлиновска од настапот на ЕП?

Женската репрезентација на Македонија пред неколку дена започна подготовките за настап на Европското првенство во ноември, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир.

Македонија немаше многу среќа во ждрепката и за ривали ги доби репрезентациите на Холандија, Франција и Романија. Пласман во следната фаза ќе обезбедат најдобрите три репрезентации од секоја група.

Македонија ќе има младо голманско трио, чија просечна возраст е 19 години. Јована Мицевска е членка на француската Ница, додека двоецот Марија Јовановска и Матеа Чурлиновска настапува за Куманово.

Мицевска веќе неколку сезони настапува во францускиот шампионат и доволно ја познава француската репрезентација, која на ЕП ќе атакува на пласман меѓу 4-те најдобри репрезентации.

„Мислам дека е големо задоволството да се учествува на еден ваков шампионат, сметам дека ова е сон на секој спорист да учествува на едно вакво првенство и среќни сме што ќе ја имаме оваа шанса да бидеме дел од една ваква организација. Очекуваме поддршка од публиката, сите знаеме како е да се игра пред исполнети трибини и секогаш имаме поголема мотивација кога имаме поддршка од публиката. Веќе подолго време ги анализирав нашите ривали и имам среќа што настапувам во францускиот шампионат и на дело можев да ги видам квалитетите на ракометарките на Франција. Во француската селекција сите се одлични играчи и сметам дека имаме опасност од сите позиции. Но, тоа не значи дека не може да победиме. Ние имаме своја цел, сметаме дека може да ја поминеме групата и ќе дадеме сѐ од себе да се претставиме во добро светло”, изјави Мицевска.

На само 17 години Мицевска започна да ја гради интернационалната кариера и од Вардар замина за Франција, поточно за Ница.

„Уште на 17 години заминав во Франција, го сменив системот на работа и имам многу добри натпревари во шампионатот на Франција. За разлика од македонскиот женски ракомет, во Франција ракометот е спорт број еден, секогаш се исполнети трибините, сега за сега сум среќна во Ница, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите за следната сезона”, заврши Мицевска.

Голманското дуо на Куманово, Матеа Чурлиновска и Марија Јовановска, исто така сметаат дека Македонија има квалитет за пласман во следната фаза на ЕП.

„Се надеваме на добар пласман и веруваме дека ќе ја израдуваме нашата нација на ова Европско првенство. Пред сѐ, ние сме млада екипа и веруваме во нашиот тимски дух и знаеме дека стручниот штаб верува во нас”, изјави Чурлиновска.

Јовановска се надева дека публиката ќе биде осмиот играч на македонската репрезентација.

„Ги анализиравме сите ривали, имаат навистина квалитетни играчи, но ние веруваме во себе и мислам дека имаме шанси да се бориме против нив. За ЕП ние, голманките, се подготвуваме со Тања Андреева, која ни помага многу со своите совети и искуство. Се надеваме дека публиката ќе не поддржи на сите натпревари, бидејќи играме и за нив”, изјави Јовановска.

Европско првенство 2022 ќе се одржува во периодот од 4 до 20 ноември. Освен во Скопје, ќе се игра и во Подгорица, Целје и Љубљана.