Македонија ЃП со гол во последните секунди обезбеди плеј-оф

Екипата на Македонија ЃП на незгодното гостување во Велес кај дебитантот во Првата лига, Биснов, во драматичен меч славеше со 28:27 (15:12) и обезбеди пласман во плеј-оф фазата во прволигашкото друштво.

Македонија ЃП сега има 24 бода на табелата во групата А и заедно со екипите на Младост и Мулти Есенс се сигурни патници во плеј-оф фазата.

Голот за победа на Македонија ЃП го постигна Мартин Димовски во последните секунди од пенал. Димовски беше носител на играта во победничката екипа и девет пати се запиша во листата на стрелци.

Во воведниот дел се играше израмнето, беше 5:5, потоа во ритам влегоа ракометарите на Димитриоски, кои постепено градеа резултатска предност. Гостинскиот тим во еден момент ги сведе грешките на минимум и ја достигна највисоката позитива од шест погодоци пред финишот на првиот дел (14:9).

Дебитантот во прволигашката конкуренција се обидуваше да се врати во игра и колку што можеше ја преполови негативата. Во таборот на Македонија ЃП дојде до мал пад, па така по водството од 15:9, домаќините со серија од 3:0 намалија на 15:12.

Македонија ЃП продолжи во ист ритам во второто полувреме и од готово направи вересија, можеше да изгуби, но и исходот од дуелот да биде без победник. Упорните домаќини се вратија во финишот, но немаа среќа во последната минута.

Гостите ја имаа победата во свои раце, водеа со 25:22 во 22 минута, но домаќините за неколку минути намалија на 25:24, потоа дојдоа и до изедначување 26:26. Нерешено беше и на минута пред крајот (27:27), а гостите со голот на Димовски поведоа со 28:27. Во последните 15 секунди домаќините не успеаја да го совладат гостинскиот голман.

Најефикасни во победничката екипа беа Мартин Димовски со девет и Кристијан Стојановски со пет погодоци. Кај Бисинов се истакна Александар Ристовски со десет реализации.