Македонија со три или четири екипи во Лигата на Европа, Пролет се повлече

Новиот формат од Европските купови и високиот рејтинг на Македонија донесоа три места во новоформираната Лига на Европа каде еден тим би требало да игра директно во групната фаза. Македонија има три места во овој куп, но поради тоа што има многу екипи кои се повлекуваат нема да биде изненадување ако свое место добие уште еден состав.

Според информациите кои ги има 24Ракомет пред официјалното претставување на тимовите кои аплицирале за место во Лигата на Европа, Македонија има сигурни три екипи односно потврда дека ќе играат, а тоа се Еурофарм Пелистер, Металург и Бутел Скопје. Охрид исто така планира да учествува во ова натпреварување така што е можен и четврти тим.

Свое место требаше да име и тимот на Пролет, но од овој клуб се повлече и нема да го искористи моментот за добивање на валјд карта така што останува само да се види дали ќе бидат три или четири екипи од Македонија кои ќе играат во Купот на ЕХФ.

Засега е јасно дека според тоа што Еурофарм Пелистер имаше најдобар пласман од тимовите во претходната сезона би требало да биде директно во групната фаза, додека Металург, Бутел Скопје и евентуално Охрид ќе мора да минат низ квалификациите за да дојдат до пласман во групите од Лигата на Европа.

Како што е познато, Македонија има едно загарантирано место во Лигата на шампионите, а иако постоеше можност, сепак, Еурофарм Пелистер не доби валјд карта, па затоа Лигата на Европа ќе биде шансата за силни европски натпревари во оваа сезона.