Македонија со три гола негатива на полувреме против Португалија

Машката репрезентација на Македонија губи на полувремето од наптреварот против Португалија со 14-11 во дуел од третото коло од квалификациите за Европското првенство 2024 година.

Џонов отвори со гол во мрежата на Португалија, а Силва израмни на 1-1. Подолго време немаше голови во продолжение на двете страни, пред една одбиена топка по одбраната на Митревски да искористат Португалците за нивна предност.

Кузмановски израмни на 2-2, а иако гостите во следните две минути играа со ракометар помалку по исклучувањето на Итуриза, сепак за првпат преку Гомеш стигнаа до плус два, 4-2.

Беше и 5-3, а Атанасијевиќ изнуди пенал, кој го реализираше Кузманоски за 5-4. Но потоа следуваа три наши грешки, два промашени седмерци, но среќа што ниту Португалците не беа идеални, па беше само 6-4 за нив по дваесетина минути игра.

Селекторот Лазаров менуваше во нападот, ги внесе Митев, Велковски…но грешките продолжуваа и понатаму. Кузмановски промаши уште еден пенал и Португалија отиде на највисоки плус четири, 8-4.

09.03.2022 MKD vs. POR

Лазаров повика тајм-аут по мизерната реализација во нападот од само 20%, па Џонов намали на 8-5. Митревски фати зицер, па Костески намали на 9-7 во контранапад. Конечно реализиравме пенал преку Серафимов кој најде решение за Капдевил.

Искористивме две грешки на Португалија и Петров погоди за 10-9, но Ѓоргиев беше исклучен на спротивната страна и гостите стигнаа до плус два преку Кошта, 11-9. Сепак македонскиот напад и натаму немаше премногу идеја, па во финишот на полувремето Португалија стигна до 13-10.

Серафимов погоди пенал за 13-11, а гостите изнудија исто така удар од седум метри, кој беше реализиран и на пауза се замина со водство на Португалија од три гола.