Македонија со пад од две позиции, но останаа четири места во европските купови

Клубовите од Македонија во машка конкуренција за новата сезона имаат пад од две места. Според поените кои се добиваат за направеното во европските купови при рангирањето за сезоната 2021/22 македонските машки тимови имаат помалку поени и паднаа за две места.

Третото место кое го имаа за сезоната 2020/21 сега е загубено, но нема никакви промени во однос на местата кои се добиваат за пласман во европските купови, па Македонија од машките клубови ќе има едно место во Лигата на шампионите и три во Лигата на Европа.

Според ова сè останува исто како и за оваа сезона така што е сосема извесно дека Македонија ќе има четири екипи и во следната сезона во Европа.

Инаку, пред Македонија во рангирањето се најдоа Шпанија и Унгарија кои на последната табела беа под, а дојде до промена на врвот. Сега Франција е првопласирана, додека Германија го има второто место.

При рангирањето се сметаат последните три сезони, а тука ги нема резултатите од 2017 година кога Вардар ја освои првата круна во Лигата на шампионите така што на ова и се должи падот од две места.