Македонија со втор пораз, Египет ги казни сите грешки

По вчерашниот пораз од селекцијата на Египет, машката сениорска репрезентација загуби и на вториот пријателски натпревар од африканскиот првак и олимписки полуфиналист со 31-26.

„Фараоните“ отворија со предност од 2-0 пред да погоди Кузманоски, а потоа се играше гол за гол. по 7-6 за Египет, следуваа три врзани гола на избраниците на Кире Лазаров. Погодуваа Кузманоски, Ѓорѓиев и Велковски за 7-9. Во следниот период се разигра и Талески и лесно ја одржувавме позитивата од два гола, но застанавме во 23 минута кога беше 11-13.

Оттогаш до крајот на полувремето, односно цели седум минути траеше постот. Македонските репрезентативци имаа проблеми да реализираат, што не беше случај со Египќаните, кои ги казнија сите грешки и со серија од пет гола, заминаа на пауза со водство 16-13.

Македонија на стартот на вториот дел намали на 16-15, но Египет набрзина дојде до 19-15. По петнаесетина минути игра имаше плус пет 24-19, но нашите момци не се откажуваа. Намали Македонија на 26-23, но потоа следуваше грешка и казна од домаќините за 27-23.

До крајот немаше дилеми околу победникот бидејќи Египет само рутински ја одработи задачата, на сличен начин како и на претходниот натпревар. Tалески исто како и вчера беше најдобар стрелец со девет гола, Кузманоски даде пет, а Велковски стрелаше четири пати.

Македонија со два порази ја завршуваа оваа ЕХФ недела, а собирот пред ЕП би требало да биде во втората половина на декември.