dzatevska-ivana2

Македонија реши сè во два дена, ја победи и Литванија и обезбеди нов бараж

Женската сениорска репрезентација на Македонија уште еднаш успеа да обезбеди место во баражот за Светското првенство кое во декември треба да се одржи во Шпанија откако денеска ја совлада Литванија со 31:21. Ракометарките одработија одлична средба и успеаја да стигнат до втора победа која ќе биде сосема доволна за да може одново да се игра во баражот.

Македонија беше далеку подобриот противник на денешниот натпревар, а уште на стартот се виде дека ова ќе биде натпревар на кој нема да има поголем проблем за да се дојде до победа.

Литванките се држеа 7-8 минути и тоа практично беше сè на овој дуел што успеаја да направат бидејќи после 3:4 (6 минута) работите почнаа да се менуваат односно Македонија тргна посилно и за три минути дојде до 6:4.

Овие плус два беа сосема доволни за да може да се продолжи во ист стил и во следните минути. Нападот функционираше, а во моментот кога почна да функционира подобро и одбраната резултатот си дојде на свое место.

Репрезентативките на Македонија постојано беа во предност и имаа контрола на резултатот, а тоа овозможуваше да се игра далеу полесно. Сепак, највисоките плус пет не беа зачувани и на одмор се замина со предност од само три гола и резултат од 15:12.

Овие три гола многу лесно беа зголемени во продолжението од натпреварот. Мицевска бранеше одлично, а имаше и многу лесни подогоци. Се разиграа повеќето во репрезентацијата и тоа овозможи да се игра без притисок така што сè беше насочено кон тоа денеска да се забележи нова победа.

Клучниот период беше од 42. до 50. минута кога од 19:16 се дојде до 24:16 и тука веќе немаше ниту шанси ниту надеж за Литванија така што веќе беше и повеќе од јасно кој оди во баражот. Македонија е едната сигурна селекција од Групата 2, а другите три репрезентации уште се во шанса за второто место. Сепак, најверојатно Исланд и Литванија ќе решаваат во меѓусебен дуел утревечер од 19 часот.

МАКЕДОНИЈА – ЛИТВАНИЈА   31:21 (15:12)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Стефан Ивановиќ и Марко Вујисиќ од Црна Гора. Делегати: Зорица Машиќ од Србија и Ацо Николовски од Македонија.

МАКЕДОНИЈА: Серафимова (2 одб.), Мицевска 1 (9 одб.), Стојановска, Гакидова, Боризовска 4, Седлоска, Џатевска, Ѓорѓиевска 2, Јанкуловска 1, Јовановска, Кипријановска 3, Ристовска 8, Ливриниќ 2, Стојковска 5, Дабевска 3, Гичевска 2.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 14 мин.

ЛИТВАНИЈА: Василијаускаите (5 одб., 1 сед.), Јатулевиче (1 одб.), Зилиноите (2 одб.) Либите, Спарнаускаите 5, Илчиукаите 2, Масконите 1, Свидеркиене, Ринкевичиуте 1, Репецкаите 1, Споне, Буркаите 1, Аглинскаите 3, Садаускаите 2, Зилинскаите 1

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 8 мин.