Македонија и во новата сезона само со една ИХФ судиска двојка (ФОТО)

И во новата сезона Македонија ќе има само една судиска двојка на листата на ИХФ. Најдобрата судиска двојка од Македонија во последната деценија, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов останува како единствена од нашата земја со значката на Светската ракометна федерација.

Начевски и Николов во последните години се редовно на големите натпреварувања и ја претставуваат Македонија, а пред неколку месеци го судеа и финалето на Европското првенство. Зад себе имаат и едно финале под капата на ИХФ, но тоа беше пред неколку години на младински Мундијал.

Со ова тие остануваат дел од листата на ИХФ, па со тоа се сигурни и за следното Светско првенство кое во јануари треба да се одржи во Египет.

Инаку, тие се меѓу 41 судиска двојка од Европа која е дел од листата на ИХФ, а вкупно за новата сезона на листата има 63 судиски двојки. Од нив 12 се женски двојки.

На листата најмногу претставници има Германија, со дури четири судиски двојки, додека по три имаат Аргентина, Шпанија, Франција и Португалија. Вообичаено веќе на листата се сестрите Бонавентура. Во новата сезона Мадс Хансен има нов партнер. На местото на Мартин Гјединг сега со него ќе биде Јеспер Мадсен.