Македонија го декласираше Мароко за втора мундијалска победа

Македонија во третиот натпревар од Призидент Купот на Светското првенство 2023 забележа убедлива победа против Мароко, со резултат 40:25, со што го оствари вториот мундијалски триумф на шампионатот.

Селекцијата од Африка го отвори натпреварот со водство од 1:0, додека Македонија во следниот напад, односно во втората минута од дуелот преку Серафимов израмни на 1:1. Минута подоцна, Серафимов повторно беше ефикасен за прво водство на македонската репрезентација од 2:1. Откако Мароко израмни на 2:2, избраниците на Кире Лазаров со серија од 3:0, односто со погодоците на Петар Атанасијевиќ и Костески, по пет минути ги имаа највисоките дотогаш ,,плус четири” 6:2.

Македонија во неколку наврати не реализираше за четири гола разлика, па така Атанасијевиќ повторно беше прецизен за 7:2. Мароко, кој речиси цели осум минути беше без постигнат гол, фати залет и со два гола во низа намали на 7:4. Следуваше период, во кој Мароко се обидуваше да фати приклучок и кон средината на првото полувреме дојде до минус два гола разлика, 8:6.

Двете репрезентации влегоа во брз ритам, се играше гол за гол и резултатот во 20 минута беше 11:9 во корист за ,,црвено жолтите”. Македонија имаше резултатска предност, но без голема комоција во играта, бидејќи Мароко во последниот период од првото полувреме ја подобри играта и се закануваше да го загрози водството на македонската репрезентација.

Сепак, ракометарите на Лазаров не дозволија целосен камбек на Мароко, искористија дел од грешките на ривалот и во 25 минута повторно имаа пет гола разлика, 16:11. До крајот на полувремето немаше поголема промена на резултатот. Македонија одржуваше дистанца од четири до пет гола разлика и на пауза замина со солидна позитива од шест гола разлика, 18:12.

Нашата репрезентација на почетокот на вториот дел со погодоците на Костески, Ѓорѓиев и Кузмановски дојде до десет гола разлика, 22:12. Во тој момент беше јасно беше како ќе се одвиваат работите во продолжението од натпреварот. Мароко сѐ почесто грешеше во нападите и играта на африканската репрезентација целосно се распадна во последните 20 минути.

Македонија продолжи да го полни голот на Мароко, зголеми на 23:12, дојде и до 24:12, додека Мароко првиот гол го постигна дури во 38 минута за намалување на предноста на 24:13. Во понатамошниот тек се измешаа поставите, шанса имаа останатите ракометари од клупата на двете репрезентации, но промената во поставите не се одрази врз резултатот.

Во 45 минута Македонија повторно дојде до 12 гола разлика, односно водство од 30:18 и рутински го одработи последниот период од натпреварот. Предноста на Македонија растеше од минута во минута, а крајниот епилог од средбата беше 15 гола разлика, 40:25.

Најефикасен во репрезентацијата на Македонија беше Филип Кузмановски со осум гола пред Петар Атанасијевиќ, кој во мрежата на Мароко имаше седум реализации, по шест гола запишаа Ненад Костески и Мартин Серафимов, три постигнаа Костадин Петров, Филип Талески и Игор Ѓорѓиев, кружниот напаѓач Марко Стојковиќ двапати се запиша во листата на стрелци, а по еден гол постигнаа Давид Савревски и Иван Џонов.