Македонија во вториот дел потклекна пред „фараоните“

Машката сениорска репрезентација на Македонија загуби на првиот пријателски натпревар од селекцијата на Египет со 32-25. Во првиот дел избраниците на Кире Лазаров се држеа добро, беа рамноправни со силниот ривал. Сепак низа грешки на средината на вториот дел и серијата на домашните кога по 19-18 се одлепија на водство од пет гола, 23-18, беше клучна за поразот.

Мечот започнат со одбрани на Хендави и Митревски, а домаќините отворија со предност од 1-0. По неколку промашени напади, Талески го постигна првиот гол за Македонија по пет минути игра. По 4-3, следуваше македонска серија од три гола преку Талески, Кузмановски и Пешевски за 4-6. Иако во овие моменти Митревски одбрани два пенали, сепак домашните стигнаа до плус два, 8-6. Кузмановски стрелаше за 8-7, но Јахја веднаш возрати на спротивната страна. Продолжи играта гол за гол на двете страни, а за 12-10 на полувреме погоди Али Зеин.

Маџовски и Ѓорѓиев набрзина во вториот дел израмнија на 12-12. Талески беше расположен за погодоци во овој период, па беше 14-14 во 35. минута. Откако Хендави одбрани еден тежок удар, Али Зеин стрелаше за плус два, 16-14. По 19-17, Велковски во 42. минута намали на 19-18, но следуваше „црна дупка“ во играта на Македонија, голем број на технички грешки во нападот, а домаќините не пропуштија тоа да го казнат и во 46. минута веќе беа на плус пет, 23-18.

Имаше напад Египет и за плус шест, но згреши, па Талески казни со гол од контра во стилот на Лазаров. Сепак „фараоните“ постигнаа уште два брзи гола и беше 25-19 на десетина минути до крајот. Финишот, во кој Лазаров им даде шанса на Симоноски, Атанасијевиќ и Митев, беше само рутинско одработување на задачата за Египет за конечни плус седум, 32-25.

Никола Митревски собра 11 одбрани од кои два седмерци, а најдобар стрелец беше Филип Талески со шест погодоци. Четири пати погоди Кузманоски, три пати Кузмановски, а по два гола дадоа Пешевски, Велковски и Маџовски. По еднаш во листата на стрелци се запишаа Костески, Мишевски, Ѓорѓиев, Георгиевски, како и дебитантите Митев и Атанасијевиќ.

Македонија и Египет утре во истото време на истото место ќе го одиграат и вториот пријателски натпревар.