Магдебург му донесе нов конкурент на Кузмановски

Откако се повреди Словенецот Марко Безјак, екипата на Магдебуг најави дека нема да бара замена и ќе се потпре на играчите кои ги има во ростерот. Сепак Германците после само три дена донесоа нов среден бек.

20 годишниот Исланѓанец, Гисли Торгир Кристјансон е најновото засилување на Магдебург кој веднаш ќе се приклучи на клубот и се очекува да биде на располагање на првиот натпревар од вториот дел на сезоната.

Повредата на Безјак беше можност за поголема минутажа на Кузмановски, но откако управата донесе негова замена, сепак нашиот репрезентативец ќе мора да се избори за своето место во тимот.

„Пресреќни сме што успеавме да доведеме ракометар со квалитетите на Кристјансон веднаш по повредата на Безјак. Станува збор за играч со огромен потенцијал, кој ќе ни помогне да ги оствариме зацртаните цели за сезонава“, изјави тренерот на Магдебург, Бенет Вигерт.

Магдебург ги продолжува натпреварите во Бундес лигата веќе на 2 февруари кога ќе се сретне со Фленсбург.