Лунде не се откажува – ќе брани и во наредните две сезони

Една од легендарните репрезентативки на Норвешка, Катрин Лунде, која во својата кариера освои сѐ што можеше да се освои, нема намера да се пензионира и ѐ блиску до продолжување на договорот со нејзиниот актуелен клуб Вајперс Кристијансад, пренесува норвешкиот портал „НРК“.

Голманката од 2017 година настапува во норвешкиот шампион и со Вајперс Кристијансад двапати ја освои титулата во Лигата на шампионите. Иако има 42 години, сѐ уште е желна за освојување на титули. Според споменатиот медиум, искусната голманка ќе го продолжи договорот на уште две сезони.

Лунде од Лигата на шампионите има освоено шест титули, по две титули со Вајперс Кристијансад и Ѓер и по една со екипите на Ларвик и Виборг. Во сите клубови играше клучна улога за освојувањето на титулите во најквалитетното европско натпреварување.

Со репрезентацијата на Норвешка двапати го освои златото на Олимписките игри во 2008 (Пекинг) и 2012 (Лондон). Од Мундијалите има освоено два златни медали, додека од континенталните собири вкупно пет.

Легендарната голманка од Норвешка освен големиот број на медали, кои што ги има освоено во својата кариера, неколку пати беше прогласувана за најдобар голман на Мундијалите, континенталните собири, Олимписките игри и Лигата на шампионите.