Литванците на големи маки – едвај стигнаа до Израел на неколку часа пред мечот!

Селекцијата на Литванија едвај стигна до Тел Авив, каде што денеска треба да го одигра првиот натпревар од првиот бараж за СП против селекцијата на Израел.

Литванците пристигнаа во Израел на неколку часа пред мечот кој се игра вечерва од 18:30 часот. Тие се соочија со големи проблеми пред патот. Раководството на федерацијата резервирало билети преку туристичка агенција за директен лет од Вилнус до Тел Авив, но без образложување добиле известување од авиокомпанијата пред два дена дека им ги откажуваат сите билети.

Потоа барале друга конекција, но на крај мораа патуваат со три прелети. Вчера на пладне Литванците летаа од Вилнус до Копенхаген. Потоа имаа лет од главниот град на Данска до Аместердам, Холандија. По ноќевањето таму денеска имаа лет до Тел Авив.

Со помош на израелската федерација, задолжителните ПЦР тестови ќе бидат направени уште на аеродромот денеска за да избегне долго чекање, но составот ќе биде неизвесен до стартот на мечот кога ќе се дознаат резултатите од тестирањата.

Проблем плус за селекторот Гинтарас Савукинас беше ограничениот број на билети до Тел Авив, па така освен него патуваа само уште 15 ракометари, еден член на стручниот штаб и еден физиотерапевт.

Израелската федерациија не сакала да го одложи мечот за четврток, туку само ја променила саатницата за час и половина напред. Реваншот меѓу овие две селекции се игра в недела во Алитус, а победникот од двомечот ќе игра со Унгарија за место на СП.