Лесјак: Бев воодушевен од атмосферата во салата, голема заслуга за триумфот имаат и навивачите!

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер обезбеди прв, историски пласман на завршниот турнир во регионалната СЕХА лига, откако битолчани славеа над Мешков Брест со 27-26 по пеналите.

Херој на Еурофарм Пелистер беше голманот Урбан Лесјак, кој во пенал рулетот успеа да го одбрани последниот удар на Мешков Брест и да му донесе прво учество на Еурофарм Пелистер на Ф4 турнирот во СЕХА лигата.

,,Мислев дека лесно ќе ги добиеме кога се одлепивме на плус три гола разлика, 18:15, но ракометарите на Мешков Брест не се предаваа и секоја чест за нивната игра и издржливост до самиот крај. На крајот, повторно ја добивме драмата. Во Задар одиме без притисок, ќе играме со Веспрем во полуфиналето, тим, кој што е еден од најдобрите клубови во Европа. Од публиката бев воодушевен уште при загревањето на натпреварот кога видов дека салата е исполнета, навивачите веруваа во нас и во ниту еден момент не се откажаа, голема заслуга за овој триумф имаат и самите навивачи”, изјави Лесјак

Завршницата во СЕХА лигата ќе се одигра во периодот од 2 до 4 септември во Задар. Доколку Еурофарм Пелистер го мине Веспрем, тогаш во финалето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Загреб и Нексе.

 

Битола слави: Еурофарм Пелистер го среди Мешков и првпат ќе игра на Ф4 во СЕХА!