Лекиќ се враќа во Унгарија, ама не во Ѓер

Според шпекулациите од Унгарија, поранешната ракометарка на Вардар, Андреа Лекиќ, која во 2013 година беше избрана за најдобра ракометарка на светот, е многу блиску до потпис со унгарскиот вицешампион, ФТЦ Будимпешта, кој во последниот период е директен ривал на Ѓер за домашната титула.

Во унгарскиот тим од следната сезона ќе настапува ракометарката од ЦСКА Москва и сонародничка на Лекиќ, Драгана Цвијиќ. Двете споменати ракометарки играа заедно во Крим, Вардар, ЧСМ Букурешт, како и во репрезентацијата на Србија.

Моментално, во составот предводен од Габор Елек, настапува екс членката на Вардар, Итана Грбиќ, но таа од следната сезона ќе продолжи да игра во францускиот шампионат, односно во Брест Бретањ.

Токму Лекиќ би била замена за Грбиќ на централната бековска позиција. Освен Грбиќ, на лето од ФТЦ Будимпешта си заминуваат уште две ракометарки – Јулија Бенке и Николет Тот. Лекиќ многу добро го познава унгарскиот шампионат бидејќи две сезони настапуваше во Ѓер, 2011/12 и 2012/13.

Ракометарката од Србија во оваа сезона ги засили редовите на Крим Меркатор и заедно со словенечкиот шампион се на добар пат да обезбедат пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите.