Легендите Вујо и Пепи за Лазаров: „Кога имате играч како Кире, вие може да бидете мирни“

Легендите на ракометот во светски рамки, Веселин Вујовиќ и Пепи Манасков беа на промоцијата на автобиографијата на Кирил Лазаров „Секогаш на победа“, а и двајцата имаа што да кажат за Лазаров.

Вујовиќ во еден период од тренерската кариера имаше можност да соработува со Лазаров, а Пепи играше заедно со актуелниот капитен и селектор. Кога Манасков ја завршуваше својата кариера, а Лазаров ја почнуваше беа заедно дел од националниот состав на Македонија.

„Имав среќа да бидам тренер на Кире во репрезентацијата и во тимот на Ал Сад. Тој е играч кој секогаш носи пресврт на теренот. Кога имате таков играч вие сте мирни бидејќи знаете дека секогаш може да го направи потребното“, изјави Вујовиќ на денешната промоција.

Најдобриот ракометар на Македонија на 20. век, Пепи Манасков имаше кратко излагање.

„Јас и Кире сме два различни света. Јас играв во едно друго време, а тој во едно помодерно. Сега му посакувам многу успех и среќа како селектор на Македонија“, рече Манасков.

Промовирана автобиографијата на Кирил Лазаров – „Секогаш на победа“!

Филип Лазаров: Кога му се спиеше на Кире, сите дома мораше да спиеме