Легендарниот германски десен бек објави крај на кариерата

Според изјавата за германскиот Скај спорт, Холгер Гландорф по крајот на оваа сезона ќе ја заврши богатата кариера на 37 години. Откако ќе престане со активно играње во јуни Гландорф ќе остане да работи во Фленсбург.

Десниот бек во шампионот на Германија настапува од 2011 година и ова е само трет негов клуб. Кариерата ја има започнато во Нордхорн во 2001 година, а има настапувано и во Лемго од 2009 до 2011. Со Фленсбург ги има освоено Лигата на шампиони и Купот на ЕХФ.

Во Бундес лигата до сега има одиграно 527 натпревари и постигнато над 2400 гола. Гландорф беше репрезентативец на Германија од 2003 до 2017 година. Како дел од националниот тим беше светски шампион во 2007 година.

Фленсбург за него има одлична замена на десната бековска позиција во Норвежанецот Магнус Род, кој сè повеќе се наметнува во тимот, а неодамна го продолжи договорот со клубот до 2023 година.