Латифи: Не сакаме да бидеме епизодисти во Европа, ќе атакуваме и на титулата во Женската лига

Едно од освежувањата на домашната женска ракометна сцена е тимот на Чаир. Овој тим до прекинот имаше солидни настапи и го делеше четвртото место на табелата.

Во новата сезона Чаир покрај домашните обврски, би требало да го има и дебито на меѓународна сцена. Веќе беа ангажирани и три засилувања пред стартот на новата сезона, десното крило Арлинда Динарица, левиот бек Ана Марија Божиновска и пикерот Габриела Костадиновска.

Тренерот Басри Латифи вели дека клубот годинава има високи амбиции.

„Клубот годинава покрај сениорската конкуренција, ќе пријави екипи и во пионерска, кадетска и младинска конкуренција. По успешниот настап во минатата сезона клубот полека застанува на здрави нозе. Во школата на клубот тренираат повеќе од 100 девојчиња, од кои се надеваме дека во иднина ќе можеме да извадиме добри ракометарки. Амбициите на Чаир се висок пласман во новата сезона и секако успешно претставување на европска сцена“, вели Латифи за 24Ракомет.

Куманово лани беше прв фаворит за титулата, а другите екипи напаѓаа од позадина.

„Досега за новата сезона се засиливме со три ракометарки – Божиновска, Динарица и Костадиновска. Сите ракометарки од минатата сезона остануваат во клубот и со ваков состав ќе се обидеме да парираме и на Куманово и да атакуваме на шампионската титула“, продолжува Латифи.

Женскиот ракомет не е на високо ниво во Македонија, а Латифи смета дека треба да им се даде повеќе простор на школи за ракомет од сите градови.

„Треба да се направи посериозен проект за зголемување на интересот за женскиот ракомет. Сметам дека проектот на Вардар со академиите низ целата држава не функционираше и се дојде до ситуација талентирани деца да губат интерес после одредено време со оглед на тоа што биле форсирани одредени деца. Мислам дека треба да им се даде повеќе простор на школи за ракомет кои се по други градови. Позитивна работа е што државата дава на значење, но треба повеќе поддршка за клубови со сопствени школи каде што работата повеќе деца, а не само да се форсираат Вардар и Металург“, смета Латифи.

Подолго време женските екипи од Македонија имаат само епизодни улоги во Европа, ако не го сметаме проектот ЖРК Вардар.

„Мислам дека Чаир ќе го прекине постот. Не сакаме да одиграме само епизодна улога во Лигата на Европа. Нашиот план е да се помине прво и второ коло, а зошто да не и трето, кое е последен филтер пред групната фаза“, смета Латифи.

Се помалку сениорки има во Женската лига и многу девојки престануваат да играат ракомет уште во младинските категории.

„Сакаме повеќе транспарентност од клубовите и заеднички да работиме за да ги надминеме сите пречки за добар и квалитетен женски ракомет во Македонија. Треба клубовите да се коректни кон играчите и кон другите клубови. Правата на играчите треба да се на прво место, да имаат слобода да се развиваат како што ќе мислат дека е најдобро за нив, а не да се ограничуваат со договорни клаузули итн. Затоа нивото на женскиот ракомет е ова на кое што е. Ракометарките престануваат да играат уште како младинки, или бегаат надвор не за подобри услови, туку поради тоа што немаат каде да се докажуваат во ова првенство“, заврши Латифи.