Омер Мехмедовиќ нема да биде дел од Еурофарм Пелистер во продолжение од сезоната. Битолскиот клуб преку официјалните канали објави порака „Thank you for everything“, со што се прости од босанскиот среден бек само неколку недели по неговото доаѓање во Битола.
Неочекувана промена во ростерот на Еурофарм Пелистер на самиот почеток од сезоната. Битолчани му се заблагодарија на Омер Мехмедовиќ, кој ова лето беше претставен како едно од новите засилувања во тимот на Лино Червар.
Клубот објави фотографија од босанскиот ракометар со порака „Thank you for everything“, односно „Ти благодариме за сè“, со што стана јасно дека неговиот престој во Битола завршува многу порано од планираното.
Причината за разделбата засега не е соопштена. Мехмедовиќ во мај беше претставен како нов член на Еурофарм Пелистер. Дваесет и шестгодишниот среден бек пристигна од словенечки Рико Рибница и потпиша договор на една сезона, со опција соработката да биде продолжена за уште една. Претходно настапуваше и за матичната Грачаница, како и за австриски Барнбах.
Тој ги започна подготовките со пелистерци на крајот од јули, а беше дел и од тимот што замина на главниот дел од подготовките во Словенија. Сепак, соработката траеше многу пократко од очекуваното и босанскиот ракометар нема да ја продолжи сезоната во зелено-белиот дрес.
Еурофарм Пелистер веќе го одигра и првиот официјален натпревар во новата сезона, победувајќи го Партизан со 35-31 во Регионалната лига, а пред тимот се обврските во домашното првенство и групната фаза од Лигата на Европа.
Засега нема информација каде Мехмедовиќ ќе ја продолжи кариерата.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























