Мирко Радовиќ деновиве е во центарот на вниманието на црногорската спортска јавност. Откако беше објавено дека ја продолжува кариерата во Будуќност, каде што пристигна од Ловќен, Радовиќ беше дел од уште една промоција.
Поранешниот капитен на црногорската ракометна репрезентација и капитенот на Еурофарм Пелистер се приклучи на стручниот штаб на младинските категории на ЖРК Будуќност.
Радовиќ во новата улога пристигнува со богато играчко искуство, но и со тренерско образование и искуство во работата со млади ракометари.
Во досегашната тренерска кариера постигна забележителни резултати во работата со младинските категории, а неговото искуство, односот кон работата и одличното разбирање на развојот на младите играчи се очекува да бидат значајно засилување за системот на Будуќност.
Радовиќ во 2011 година дебитираше за црногорската репрезентација, а во националниот дрес настапи на осум големи натпреварувања. Репрезентативната кариера ја заврши во јануари оваа година, по настапот на Европското првенство.
Во Битола беше четири сезони, а по заминувањето од Ловќен потпиша за машкиот тим на Будуќност и ќе игра за тимот од црногорската метропола.
Сега пред него е нов предизвик – покрај продолжувањето на играчката кариера во Будуќност, ќе има можност своето искуство да го пренесува и на младите ракометарки на еден од најпознатите црногорски клубови.
























