Латифи: Наиса е доволно анализирана, нè очекува интересен натпревар!

Ракометарките на Чаир денеска од 18:00 часот во СРЦ „Кале“, го играат првиот натпревар од второто коло во Купот на ЕХФ.

Чаирчанки имаа негативни тестови на Ковид-19 во текот на вчершаниот ден и комплетни ќе му се спротистават на српскиот тим Наиса Ниш, во кој настапуваат и двете македонски репрезентативки Симона Стојановска и Ивана Гакидова.

Тренерот на Чаир, Басри Латифи е оптимист и очекува место во третото коло.

„Ние сме пред се млада и неискусна екипа за вакви натпревари. Нашата највозрасна ракометарка има 21 година, што доволно покажува дека за нас допрва следат добрите резултати. Не се залетуваме и точно знаеме кои ни се можностите. Времето работи за нас, го негуваме домашниот ракомет и не планираме да се засилуваме соо интернационалки барем во претстојниот период додека го градиме тимот и имиџот на Чаир. Очекуваме интересен натпревар, имаме голема желба за триумф и пласман во третото коло, но нема да биде нималку лесно. Наиса има искусна екипа, со искусни ракометарки и неколку репрезентативки, меѓу кои и двете наши, Симона и Ивана. Ги анализиравме добро и подготвуваме изненадување за нив. Ме радува фактот што сите играчи се фит и ќе можат да се надигурваат. Ваквите натпревари не се играат, туку се победуваат. Очекувам сите да дадат 110% од можностите, да се вложат максимално, сепак ова е ЕХФ Куп и нема лесни натпревари. Со желба, волја и спортска среќа да се најдеме во следна рунда“, вели Латифи во изјавата за 24Ракомет.

Натпреварот меѓу Чаир и Наиса се игра вечерва во СРЦ „Кале“ со почеток во 18:00 часот.