Лазаров ќе ја селектира генерацијата 2002 што летово ќе игра на ЕХФ шампионатот во Скопје

Над 40 млади ракометари родени 2002 година и помлади ќе добијат покана од селекторот Кирил Лазаров да се појават на дводневното тестирање следната недела за избор на репрезентацијата што летово ќе игра на ЕХФ шампионатот чиј домаќин е Македонија. Селектирањето ќе се изврши откако ќе се вратат сениорите од двомечот со Србија што е закажан за 19 и 20 во Ниш.

Од ракометарите што ќе бидат повикани на изборната селекција ќе бидат одбрани меѓу 20 и 25 ракометари што потоа ќе работат заедно со Кирил Лазаров и сениорскиот стручен штаб. ЕХФ шампионатот треба да се одигра во Скопје во август. Ќе има две групи и најдобрата репрезентација ќе се пласира во А дивизијата.

Изминативе денови се одржуваше младинското првенство на Македонија каде стручниот штаб на репрезентацијата го следеше напредокот на играчите од оваа генерација. Ф4 турнирот ќе се игра утре во Велес, а ќе играат екипите на Борец Велес, Скопје, Еурофарм Пелистер 2 и на КЛ7.

Со оглед на важноста на ЕХФ шампионатот и можноста победникот да се пласира во А дивизијата, од РФМ прават напори на младинсците да им се обезбедат сите услови за подготовка, па и стручниот штаб на сениорската репрезентација летово ќе работи со младите ракометари. Веќе од 5 јули почнуваат подготовките и заедно ќе бидат до 15 август.